Економија СДСМ: Провизии од 44 милиони евра во енергетскиот сектор

СДСМ: Провизии од 44 милиони евра во енергетскиот сектор

Регулаторната комисија за енергетика, чиј претседател е од редовите на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Кратово, трет ден молчи за чии интереси дозволува увоз на струја поскапа за неверојатни 41,7 проценти, кога цената на регионалните берзи е падната за 20 евра за еден мегават-час, се вели во соопштението на СДСМ.

Во него се вели дека додека се молчи за скапиот увоз, „Ставрески и Груевски со самонаречениот отчет сами влегле во енергетска треска, отворајќи го прашањето за десетгодишниот застој на гасификацијата на Македонија“.

„Дали Груевски и власта на ВМРО-ДПМНЕ за изградбата на гасоводната делница Клечовце – Штип склучиле договор со руска фирма која се наоѓа на црната листа на САД?! Дали изборот на фирмата е направен под сомнителни околности, без тендерска постапка?! Дали причината за доцнењето на изградбата на делницата Клечовце – Штип се провизии од вртоглави 44 милиони евра? Дали 61-километарската делница Клечовце – Штип чини 75,5 милиони долари, како што тврди власта на Груевски или реалната цена на гасоводот е 25 милиони евра? Зошто Ставрески и Груевски ја кријат студијата за оправданоста на гасификацијата на Македонија?“, прашуваат од СДСМ.

Оттаму додаваат дека „Ставрески го издаде Груевски кога ја најави делницата Неготино – Кавадарци – Битола за 400.000 евра по километар, а делницата Клечовце – Штип веќе влече од граѓаните неверојатни 1.240.000 евра по километар!“