Македонија СДСМ: Преку иницијативи за интерпелации ВМРО-ДПМНЕ ги кочи реформите

СДСМ: Преку иницијативи за интерпелации ВМРО-ДПМНЕ ги кочи реформите

Со неоснованите и неиздржани интерпелации, ВМРО-ДПМНЕ покажува дека е против повисока минимална плата, против решавањето на проблемот со стечајните работници, против зголемена поддршка за домашните претпријатија, против реновирани училишта, против нови социјални центри, се вели во реакцијата на СДСМ на тоа што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ денеска во Собранието поднесоа интерпелација за министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, поради стратегијата за мигрантите.

Од партијата велат дека залудни се обидите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ преку „апсурдни иницијативи“ за интерпелации да ги кочат реформите.

„Поднесената интерпелација за министерката за труд и социјална политика, наводно поради нацрт-стратегијата за бегалци, што патем веќе еднаш била донесена во 2008 година од владата на ВМРО-ДПМНЕ, е врв на апсурдноста и на лицемерството на опозициската партија. Особено зашто изнесените невистини од ВМРО-ДПМНЕ се официјално и фактички демантирани. Стратегијата нема обврзувачки карактер, Македонија е транзитна земја за бегалците, што значи нема да остануваат во земјава и нема да се даваат државјанства за бегалци“, се додава во соопштението.