Македонија СДСМ: Потребно е да се одблокира работата на Собранието, наместо да се...

СДСМ: Потребно е да се одблокира работата на Собранието, наместо да се штити криминал

„Maкедонија ќе биде правна држава. Ќе има темелни реформи во судството и во обвинителството и ќе има правда за сите. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ затоа ги кочат демократските процеси во парламентот. Тие мислат дека така можат да го заштитат раководството на ВМРО-ДПМНЕ од одговорност за криминалот на штета на граѓаните, изминатите 10 години“, се вели во соопштението на СДСМ.

Во него се додава дека ниту Никола Груевски, ниту пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои си реплицираат сами на себе во Собранието, погазувајќи го сопственото достоинство, нема да ги спречат промените и правдата.

„Мнозинството граѓани во Македонија се изјаснија против партиски судови во кои нарачани пресуди пишуваат судии од тефтерчето на Јанкулоска и на фамилијата. Граѓаните не сакаат недостижна правда, зашто таа им следува по Устав и по закон. Судството и јавното обвинителство во голем дел ја штитеа корупцијата на највисоките нивоа во досегашната власт. Потребна е влада која ќе ги ослободи судството и обвинителството чија основна обврска е заштитата на основните човекови права“, се додава во соопштението.

Од СДСМ велат дека во програмата, новата реформска влада на унитарна Македонија се обврзува дека ќе спроведе темелни реформи во оваа област и ќе обезбеди независно судство.

„Затоа, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ја одблокираат работата на Собранието, наместо да штитат криминал. Ќе биде избран нов претседател на Собранието и тој потоа веднаш ќе го извести Ѓорге Иванов дека има парламентарно мнозинство од 67 пратеници, за да му го даде мандатот на претседателот Зоран Заев, кој ќе ја формира новата реформска влада на граѓаните на Македонија“, се вели во соопштението на СДСМ.