Македонија СДСМ: Победи концептот за едно општество, следи брз и мирен трансфер на...

СДСМ: Победи концептот за едно општество, следи брз и мирен трансфер на власта!

Единствениот начин да се зачува и да се зајакне унитарноста на државата е преку концептот на едно општество со еднакви права и обврски за сите, порача денеска СДСМ и додаде дека тој концепт веќе победи.

„Концептот на ВМРО-ДПМНЕ за внесување раздор изгуби на 11 декември! Барањето за нови избори е само обид за продолжување на политичката криза и за одложување на понесувањето одговорност за криминалот и за злоупотребите. Тоа нема да се случи!“, велат од СДСМ.

Од партијата истакнуваат дека граѓаните јасно гласале за квалитетен живот за сите, квалитетно образование и здравство за сите, за држава во служба на сите граѓани, за правда за сите и ова мора да почне да се реализира.

„Груевски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ мора да ја почитуваат мнозинската волја на граѓаните. Ѓорге Иванов мора да ја почитува мнозинската волја преточена во 67 пратенички мандати и да го даде на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, мандатот за состав на новата реформска влада и независни демократски институции. Граѓаните очекуваат брз и мирен трансфер на власта во Р. Македонија! Тоа е следен чекор“, стои во соопштението на СДСМ.