Македонија СДСМ: Партизацијата на институциите беше главна одлика на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ

СДСМ: Партизацијата на институциите беше главна одлика на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ

Партизацијата на државата и злоупотребата на институциите беше главна одлика на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, која од Македонија направи партизирана и заробена држава, се вели во реакцијата на СДСМ на прес-конференцијата на Сашо Павловски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Најочигледен пример за тоа беше партизацијата на Министерството за внатрешни работи што ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски го претворија во МВРО-ВМРО. Владата предводена од СДСМ почна процес на ослободување на институциите заробени од ВМРО-ДПМНЕ, нивна професионализација и функционирање единствено во интерес на граѓаните и на државата. Владиниот реформски план „3-6-9“ обезбедува независни, слободни и ефикасни државни институции кои наместо сервис на Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ, ќе станат вистински сервис на граѓаните, за никогаш повеќе да не се повтори масовната партизација што ВМРО-ДПМНЕ ја правеше цели 11 години“, стои во соопштението на СДСМ.

Инаку, Павловски денеска во името на опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги обвини СДСМ и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, дека го партизираат министерството и ги деградират професионалците, за сметка на партиски послушници.