Македонија СДСМ: Никола Груевски е проблемот за иднината на Македонија

СДСМ: Никола Груевски е проблемот за иднината на Македонија

Денешното правдање на Никола Груевски паѓа во вода исто како што тоне самиот Груевски, реагираат од СДСМ на денешната прес-конференција на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ велат дека Никола Груевски е проблемот за иднината на Република Македонија, а дека Македонија застанува на страната на слободата, на страната на вистината, на страната на демократијата и дека почнува широк граѓански фронт за слободна Македонија против Никола Груевски.

„Политичката криза во Македонија ја создаде токму Никола Груевски со кражбата на изборите и со фалсисификувањето на слободната волја на граѓаните на Македонија. Изборниот криминал на Никола Груевски целосно го потврдија констатираните повеќе од 330.000 спорни и фантомски гласачи во избирачкиот список кој сè уште не е прочистен. За да остане на власт и да продолжи со криминалот и со корупцијата, Груевски прави сè. Никола Груевски, човекот кој ги крадеше парите на граѓаните и нивниот слободен глас, човекот кој го создаде медиумскиот мрак за да ја крие вистината од граѓаните за неговото криминално владеење, не може да повикува на коригирање на неговите безброј грешки, на штета на граѓаните“, пишува во реакцијата на СДСМ.

Од партијата обвинуваат дека иако лично го потпишал, Никола Груевски постојано го уривал Договорот од Пржино.

Денеска лидерот на СДСМ, Зоран Заев, одржа прес-конференција на која повика на формирање широк фронт за бојкот на, како што рече, криминалните избори, додека, пак, Груевски го повика Заев да учествува на избори за да се стави крај на политичката криза.