Македонија СДСМ нема да кампува пред Владата по 17 мај

СДСМ нема да кампува пред Владата по 17 мај

СДСМ нема да постави шатори пред Владата на Република Македонија, по протестите закажани за 17 мај (недела) во Скопје, дознава „Мета“ од извори од партијата.

Според нашите извори, сепак, тоа не значи дека протестите ќе прекинат, напротив, тие ќе продолжат, но со послаб интензитет.

Исто така, дознаваме дека комуникацијата за тоа како да се продолжи понатаму со притисокот за заминување на владата на Никола Груевски зависи и од договорот на лидерските средби и од решението на политичката криза.

Протестите, според засега планираното, информираат извори од опозициската партија, ќе траат кратко и ќе има говорници и од СДСМ и од нивните сестрински партии, кои ќе бидат гости. Заев најави дека протестите ќе бидат мирни и без насилство.

Засега свое присуство на протестот најавија Ричард Ховит, Кнут Фленкенштајн и Џакомо Филипе, генерален секретар на ПЕС, пратеници од Шведска и претставници на Социјалистичката партија во Финска.

Масовниот граѓански протест е планирано да почне в недела, во 14 часот.