Македонија СДСМ: Не е време за критика туку за единство за побрза и...

СДСМ: Не е време за критика туку за единство за побрза и поголема помош на граѓаните

Членовите на извршниот одбор на СДСМ, Љупчо Николовски и Едмонд Адеми, претседателот на комисијата за локална самоуправа, Дејан Павлески, заедно со членови на раководството на општинската организација од Тетово и советници во Советот на Општина Тетово од СДСМ, денеска беа со жителите на Тетово и на Тетовско.

„Човечки жртви, огромни штети, наноси од камен, земја, кал и од дрва, искршени автомобили, поплавени или затрупани домови, без вода и електрична енергија. Тоа е стравичната состојба во населените места во Тетовско“, се наведува во соопштението од СДСМ.

Од партијата наведуваат дека граѓаните алармираат на потребата од брза и сеопфатна помош за справување со последиците од катастрофата во Тетово и во Тетовско.

– Општините раководени од опозицијата, Струмица, Куманово, Центар, Ранковце, веќе испратија писмено известување до Општина Тетово дека сите свои ресурси ги ставаат на располагање за помош на граѓаните и за санирање на состојбата. Изразуваме длабоко сочувство до семејствата на жртвите. Сите сочувствуваме со нивната тага. Како на локалната власт, даваме полна поддршка и на државните институции за справување со последиците од катастрофата во Тетово и во Тетовско, која однесе невини човечки животи – рече Павлески и додаде дека сега не е време за критика туку за единство кое ќе придонесе за побрза, поефикасна и за поголема помош на граѓаните.