Македонија СДСМ: Ќе има одговорност за насилството поттикнато од Груевски, Иванов и од...

СДСМ: Ќе има одговорност за насилството поттикнато од Груевски, Иванов и од Вељаноски

По вечерашните настани во Собранието, во кои има голем број повредени пратеници од СДСМ и од албанските партии, СДСМ во соопштение до медиумите вечерва порача дека ќе сносат одговорност нарачателите на насилствата, односно, според партијата, Никола Груевски, Ѓорге Иванов и Трајко Вељаноски.

„Ќе одговараат за загрозување животи сите што учествуваа во вечерашното насилство во Собранието, како и за сите други злодела нарачани и спроведени од раководството на ВМРО-ДПМНЕ.  Крвавото насилство во Собранието е резултат на насилството на кое изминатиот период повикуваше Никола Груевски, како и провокациите, омразата, поделбите поттикнати од Груевски, Ѓорге Иванов, Трајко Велјаноски, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и од нивните соработници и поддржувачи“, се вели во соопштението.

Нагласувајќи дека сериозно се повредени пратеници, претставници на граѓаните, СДСМ вели дека овој факт е „врв на нецивилизираниот однос на овие луѓе, кои се подготвени да жртвуваат сè за да се обидат да избегнат одговорност“.

„На очиглед на целата домашна и меѓународна јавност, паднаа маските и режимот е разобличен до крај“, се вели на крајот на соопштението на СДСМ.