Македонија СДСМ: Итно да престане тиранскиот однос на Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ

СДСМ: Итно да престане тиранскиот однос на Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ

„Единствен непријател на граѓаните на Македонија е криминалното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, кое во обид за сопствен спас сака да ја жртвува иднината на граѓаните и на државата“, се вели во реакцијата на СДСМ на редовното утринско соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

Во него се додава дека не е љубов и не е патриотизам да ги погазуваш и да ги уништуваш институциите на државата.

„Тоа го прави ВМРО-ДПМНЕ 10 години, тоа го прават пратениците на Груевски и денес, блокирајќи ги демократските процеси преку блокадата на парламентот. Не е љубов кон народот, ни патриотизам кон државата да не ја почитуваш мнозинската волја на 700.000 граѓани кои избраа правда и промени. Тоа што го прави ВМРО-ДПМНЕ е насилство врз граѓаните и врз сопствената земја, саможивност и себичност“, велат од СДСМ.

Од партијата додаваат дека Никола Груевски не е народот, како што не е ни ВМРО-ДПМНЕ.

„Затоа итно мора да престане тиранското однесување на Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ. Граѓаните избраа. Има парламентарно мнозинство составено на демократски начин, има програма на новата влада на унитарна Македонија, ќе има и нова реформска влада на граѓаните на Македонија, предводена од претседателот Зоран Заев. Неопходен е мирен трансфер на власта. Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ се опозиција“, се вели во соопштението.