Македонија СДСМ и ЛДП го честитаат 1 Мај: Сплотени обезбедуваме економски и социјално...

СДСМ и ЛДП го честитаат 1 Мај: Сплотени обезбедуваме економски и социјално стабилни граѓани

Меѓународниот ден на трудот – 1 Мај го честитаа и Зоран Заев, во свое име и во име на СДСМ, како и ЛДП.

„Бидете горди на нашата заедничка борба за правда, за квалитетен живот, за достоинствени работни места, за пристојни плати и пензии, за напредна Македонија. Овој 1 мај 2017 година е ден на нашата истрајност и верба во живот за сите и сведоштво дека тоа е можно. Заедно, сплотени, еден до друг, обезбедуваме демократска, слободна Република Македонија со економски и социјално стабилни семејства и граѓани“, порачува Заев во честитката.

Лидерот на СДСМ порачува дека само мотивирани работници може да ги развиваат претпријатијата кои се двигател на економијата, а СДСМ планира да се посвети на тоа.

Либерално-демократската партија, честитајќи го  1 Мај на сите граѓани, констатира дека има многу причини за незадоволство, а речиси ниту една за празнување.

„Во изминатите десетина години владеење на Груевски и на ДПМНЕ, достоинството на македонскиот работник е комплетно уништено. Политиките на ДПМНЕ од македонскиот работник направија модерен роб, работејќи за примања кои не можат да ги покријат основните домашни потреби. Овој факт го потврдуваат и податоците кои покажуваат дека потроувачката кошница за едно четиричлено семејство е 32.000 денари или нешто поголема од 500 евра, а повеќе од 50 проценти од сите вработени во земјата земаат плата помала од 15.000 денари – или само половина од синдикалната кошница. Дополнително, ДПМНЕ успеа преку добро воспоставениот систем на корупција и на заробување на институциите во најголем дел да ги поткупи синдикалните лидери и да ги претвори во заштитници на криминалните политики на Груевски, а не застапници на работниците“, порачува ЛДП.
Партијата вели дека како дел од новата влада, најголемо внимание ќе посвети токму на економијата, каде граѓанинот односно работникот ќе биде во фокусот.