Вечерва сите граѓани во Република Македонија се уверија како работат режимските медиуми, како изгледа гостување во режимска телевизија уредувана од страна на Груевски и на неговите платеници, реагираат од СДСМ на вечерашното интервју на лидерот на партијата Зоран Заев, со главниот и одговорен уредник на телевизијата „Сител“, Драган Павловиќ – Латас.
„Доминирањето на некултурата, вулгарностите, говорот на омраза кон тие што мислат слободно и поинаку, говорот на омраза кон припадниците на другите националности, уште еднаш покажува колку е далеку денес Македонија од демократските и европски вредности. Со промена на власта и со заминувањето на Никола Груевски во историјата, граѓаните можат да очекуваат слободни медиуми, дебата, различни мислења што нема да бидат задушени и каде што лагите нема да бидат медиумска алатка. Сите професионални припадници на новинарската професија и новинарските здруженија не смеат да останат неми, туку да застанат во заштита на професионалното и објективно информирање во корист на граѓаните на Македонија“, пишува во реакцијата на СДСМ.
Од партијата додаваат дека ова е уште еден доказ зошто е потребна слобода на медиумите, зошто е неопходна регулација на медиумскиот простор и зошто СДСМ инсистира на професионално и избалансирано известување на медиумите.