Македонија СДСМ го осуди инцидентот во Битола и ги повика граѓаните да останат...

СДСМ го осуди инцидентот во Битола и ги повика граѓаните да останат смирени

СДСМ најостро го осудува инцидентот во Битола, во кој беа фрлени молотови коктели кон Музејот на албанската азбука. Од партијата очекуваат надлежните органи во најкус можен рок да го расветлат случајот.

„Предупредивме дека насилството и омразата поттикнати лично од Никола Груевски и поддржани од Ѓорге Иванов водат кон штетни и опасни последици по граѓаните и по Република Македонија. Сценаријата што имаат намера да предизвикаат конфликт и судир помеѓу граѓаните и да ја продлабочат политичката криза во Македонија за да се спасува Никола Груевски со соработниците од одговорност за криминалите, нема да успеат“, велат од СДСМ.

Партијата ги повика граѓаните да останат смирени и да не потпаѓаат на провокации и додаваат дека во Македонија ќе има мирен трансфер на власта и нова, совесна, реформска влада, која ќе обезбеди стабилност и напредок на државата и на граѓаните.