Македонија СДСМ: „Фридом хаус“ потврдува дека Македонија назадува поради Груевски

СДСМ: „Фридом хаус“ потврдува дека Македонија назадува поради Груевски

Најновиот извештај на „Фридом хаус“ јасно и недвосмислено потврдува дека поради хибридниот режим на Никола Груевски, демократијата во Македонија назадува, нема слободни медиуми, нема независно судство, корупцијата се зголемува, претходните избори не се веродостојни, велат од СДСМ.

„Најголемо назадување има во сферата на независноста на медиумите, каде индексот на Македонија е 5,25, што значи сериозно влошување на состојбата. Според извештајот, рејтингот на изборниот процес се влошил поради индикациите за изборна измама, кои фрлаат сомнеж врз веродостојноста на претходните избори. Во извештајот се бележи и влошување на состојбите во сегментот на владеење на правото и независноста на судството поради мешање во работата на судството“, се вели во реакцијата на СДСМ.

Од партијата велат дека поради ова, на Македонија ѝ е потребно враќање на слободата, демократијата, владеењето на правото и на европските вредности. Според СДСМ, тоа е можно единствено преку организирање на слободни, фер, демократски и веродостојни избори со целосно исполнување на Договорот од Пржино.