Македонија СДСМ бара оставка од Коце Трајановски за сечењето на дрвјата кај УКИМ

СДСМ бара оставка од Коце Трајановски за сечењето на дрвјата кај УКИМ

СДСМ побара оставка од градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, по сечата на дрвјата што се случи ноќеска по полноќ, околу 2.30 часот, во паркот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

– Додека граѓаните со денови се задушуваат во нечист воздух, извршителот на Никола Груевски, Коце Трајановски, продолжува со масакрот на дрвјата во Скопје. Коце Трајановски, извршителот на Никола Груевски, мора веднаш да си поднесе оставка – се вели во соопштението на СДСМ.

Од партијата потсетуваат на реакциите што студентите и граѓаните ги имаа за задржување на стариот изглед и прекин со плановите за изградба на барокни факултети.

Градот Скопје, пак, испрати демант на соопштението на СДСМ и во него се вели дека ЈП „Паркови и зеленило“ не ги исекле дрвјата кај УКИМ.

– Во врска со неоснованите обвинувања за активностите за сечење дрвја, сакаме да појасниме дека Градот Скопје е должен, во согласност со Законот, да издаде решение за сечење дрвја кога ќе приложи инвеститор градежна дозвола за спроведување на Детален урбанистички план – се вели во демантот на кабинетот на градоначалникот.