Македонија СДСМ: Актуелната власт нема основно чувство за државен интерес

СДСМ: Актуелната власт нема основно чувство за државен интерес

„Да мислеше Владата на Никола Груевски на државните интереси на Македонија, да беше навистина толку патриотски потресенa за каквa што се претставува, да си ги сакаше државата и својот народ – ќе ѝ ја нанесеа ли оваа „брука“ на Република Македонија? На Македонија ѝ е одземено правото на глас во Обединетите нации со потпис на генералниот секретар Бан Ки-мун“, рече на денешната прес-конференција Виктор Габер, член на Комисија за надворешни работи на СДСМ.

– Две години по ред нашата држава не плаќала придонеси кон светската организација. Поради неплатен долг од 24.000 долари, Македонија е во групата неплаќачи заедно со Сомалија, Руанда, Јемен или Сао Томе и со Принципе. Тоа не се ни 23.000 евра што, според информациите во јавноста, ги зела за патни трошоци од буџетот пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева. Што значи, има пари кога се работи за џебовите на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, ама нема пари кога се работи за државата. Не сме изненадени. Само жалиме што и светот стана сведок на какво дереџе паднавме како држава. Актуелната власт нема основно чувство за државен интерес и нема минимум државнички капацитет. Одговорноста е на Никола Груевски и на неговата власт и решението е едно. Мора да заминат –  рече Габер.