Македонија СДСМ: 83 отсто од центарци ќе излезат и ќе гласаат за спас...

СДСМ: 83 отсто од центарци ќе излезат и ќе гласаат за спас на ГТЦ

Граѓаните на општина Центар, во огромен број сакаат да се задржи автентичниот изглед на Градски трговски центар (ГТЦ) и според најновата анкета, 83 отсто од граѓаните се изјасниле дека ќе излезат на референдум в недела и ќе гласаат за задржување на изгледот на ГТЦ, изјави денеска претседателот на општинската организација на СДСМ во Центар, Саша Богдановиќ.

– Од ова се уплашени Груевски и неговите соработници. Затоа почнале да ги применуваат нивните познати методи. Ќе носат партиски членови од други градови, Куманово, Велес, Прилеп, кои лажно се претставуваат како архитекти и ги убедуваат граѓаните дека референдум, наводно, немало да се одржи – изјави Богдановиќ.

Тој покажа докумнет со, како што рече, печат и потпис на владејачката партија, со кој се наложува да се отстрануваат летоците и плакатите со кои се информираат граѓаните за референдумот што ќе се одржи в недела.

– Јанкулоска, која слушнавме дека е министер на ВМРО-ДПМНЕ, а не на МВР, поднела повеќе прекршочни пријави против активисти што делеле пропаганден материјал, што е апсурд во која било минимум демократска земја – рече Богданови и ги повика граѓаните на Центар да не дозволат „Никола Груевски и неговите соработници за нивни лични бизнис-интереси да одлучуваат за ГТЦ“.

– В недела, масовно, да ја искористиме можноста и да го спасиме ГТЦ – рече претседателот на општинската организација на СДСМ во Центар.