Македонија Само пет отсто од училишните деца не се вакцинирани со МРП 

Само пет отсто од училишните деца не се вакцинирани со МРП 

Фото: NIAID/Flickr

Теренска вакцинација не се случи на првиот ден од второто полугодие, затоа што според податоците, само пет отсто од училиштните деца не се вакцинирани со МРП вакцина, што не е голем процент, велат за „Мета“ во Министерството за здравство.

– Комисијата за заразни болести на последниот состанок одлучи да не се продолжи зимскиот распуст, затоа што бројот на вакцинирани ученици со МРП е висок, односно само пет отсто од вкупниот број не ја примиле вакцината. Сепак, родителите на овие деца ќе бидат повикани преку училиштата да ги однесат на вакцинација. Кај нас во принцип нема отпор за невакцинирање. Проблемот е во тоа што постои неоправдан страв од МРП вакцината дека предизвикува аутизам и други заболувања, но во пракса, кога детето ќе прозбори и прооди, родителите ги носат на вакцинирање – информира Марија Тасев, портпарол во министерството.

Таа додава дека заклучно со денеска до 15 часот, од почетокот на епидемијата, досега вакцина примиле вкупно 4.070 лица. Во моментов вкупниот број на заболени од морбили е 75 лица, а се очекува со свежи бројки утре да излезат одговорните во Институтот за јавно здравје.

Претседателката на Комитетот за имунизација проф. Александра Грозданова, го повтори апелот родителите да ги вакцинираат своите деца.

– На почетокот од епидемијата, во Скопје имаше 15.000 невакцинирани деца. Оттогаш, оваа бројка е намалена за речиси една третина, што ги задволува очекувањата. Сепак, останува апелот родителите да вакцинираат – вели Грозданова за „Мета“.