Подглавна секција Салман Ружди веќе не е на респиратор и може да зборува

Салман Ружди веќе не е на респиратор и може да зборува

Фото: ActuaLitté - Salman Rushdie - Le Livre sur la Place 2018, CC BY-SA 2.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=121687478

Здравствената состојба на писателот Салман Ружди се подобрува, тој е исклучен од респиратор и може да зборува, пишува Би-би-си. 75-годишниот писател беше нападнат и избоден со нож за време на јавен настап во сојузната држава Њујорк во САД, по што неговата здравствена состојба беше критична.

Познатиот писател е можно да го изгуби едното око, како последица на нападот што го изврши 24-годишниот Хади Амар, Американец со либанско потекло. Тој на настанот го избодел најмалку 10 пати во лицето, вратот и стомакот.

Ружди со години се соочуваше со смртни закани поради неговата книга „Сатански стихови“ од 1988 година, чија содржина повеќемина муслимани ја сметаат за богохулна.

Американскиот претседател Џозеф Бајден соопшти дека тој и неговата сопруга Џил биле шокирани од нападот врз писателот Салман Ружди. Бајден изјавил дека Ружди, со неговиот увид во човештвото, неспоредливото чувство за раскажување приказни и одбивањето да биде заплашен или замолчен, е симбол на универзалните идеи.