Главна секција Сали: Ќе се прави симулација на можна појава на петти бран од...

Сали: Ќе се прави симулација на можна појава на петти бран од ковид-19

Министерот за здравство, Беким Сали | Извор: Министерство за здравство

Една од целите нѝ е симулација на можна појава на петти бран од ковид-19 инфекцијата, а во наредниов период токму тоа ќе го прави Комисијата за заразни болести, најави денеска министерот за здравство, Беким Сали. Освен тоа, Комисијата ќе планира и како здравствениот систем да се справи со лекување пациенти со постковид компликации.

„Со попуштањето на мерките најавив дека постковид периодот е значаен за сите граѓани и, воопшто, за здравствениот систем. Комисијата ќе продолжи со работа, не со истото темпо, но со планирање како да се справиме со постковид. Дали во еден објект ќе се третираат сите постковид компликации или повеќе клиники за пациентите. Секако една од целите нѝ е симулација на можна појава на петти бран од ковид-инфекцијата“, рече Сали.

Тој повика на внимателно однесување, иако засега состојбата е мирна и нема аларм ни за во иднина.

„Како одговорни граѓани, мора да внимаваме на местата каде се движиме, навреме да се јавиме ако имаме симптоми, ако сме позитивни да се изолираме“, рече тој.

Здравствените власти наредниот период ќе го искористат за лекување на пациентите со постковид симптоми, но сè уште решаваат дали тоа ќе биде на едно место, каде што ќе има специјалисти од сите области или пак во делови од неколку клиники.