Подглавна секција САД сметаат дека нападите во Рафах не претставуваат целосна инвазија на градот

САД сметаат дека нападите во Рафах не претставуваат целосна инвазија на градот

И покрај апелите на меѓународни лидери Израел да не изврши копнена офанзива во Рафах, Израел инсистира дека нема да може да постигне победа во војната против Хамас без да го елиминира Хамас во Рафах

Фото: Photo by Emad El Byed on Unsplash

Соединетите Американски Држави не веруваат дека нападите на Израел врз Рафах во текот на изминатата недела не претставуваат целосна инвазија на градот, изјави портпаролот на Белата куќа Џон Кирби, на прес-конференција која се одржа само неколку часа откако израелските сили стигнаа до центарот на Рафах, пишува Би-би-си.

Вчера имаше тенкови и пукање во центарот на градот, а претходно беше бомбардиран камп за бегалци, кој се запали и каде загинаа 45 лица. Овие интензивирани напади доаѓаат неполна недела откако Меѓународниот суд за правда во Хаг му порача Израел да не го нападне Рафах. Светски лидери, меѓу кои и американскиот претседател Џо Бајден и британскиот премиер Риши Сунак, со месеци го предупредуваат Израел да не води копнена офанзива во Рафах, поради потенцијалните катастрофални хуманитарни последици.

Израел соопшти дека целта на нападот во Рафах била да се убијат двајца високи функционери на Хамас и сметаат дека пожарот можел да биде предизвикан од експлозија во продавница за оружје на Хамас во близина.

Американскиот претседател Џо Бајден овој месец изјави дека ќе ја ограничи испораката на оружје за Израел доколку навлезат во „населените подрачја“ во Рафах, каде што сè уште се засолнети стотици илјади цивили. На новинарско прашање за дали нападот ги прекршил границите претходно поставени од претседателот Бајден, портпаролот на Белата куќа изјави дека нападот не предизвикал „промени во политиката на САД“.

„Не поддржуваме, нема да поддржиме голема копнена операција во Рафах. Претседателот рече дека, доколку се случи тоа, тогаш можеби ќе мора да донесе различни одлуки во однос на поддршката. Не сме виделе тоа да се случи во овој момент. Не видовме дека влегуваат со големи единици, голем број војници, во колони и формации во некаков координиран напад против повеќе цели на теренот“, изјави портпаролот.

Нова истрага од „Њујорк тајмс“, пак, откри дека бомбите со кој бил нападнат кампот за бегалци во Рафах биле произведени во САД.

Израел инсистира дека нема да може да постигне победа во војната против Хамас без да го елиминира Хамас во Рафах и ги отфрли предупредувањата за катастрофалните хуманитарни последици.