Свет Балкан САД го обновија издавањето визи за државјаните на Турција

САД го обновија издавањето визи за државјаните на Турција

Амбасадата на САД во Анкара денеска соопшти дека нејзините конзулати во Турција го обновиле издавањето на визи на турски државјани, со што е ставен крај на повеќемесечната дипломатска криза меѓу двете земји, јавуваат светските агенции.

Одлуката за обновување на нормалниот режим за издавање на визи следи откако САД добија „уверување на високо ниво“ од Анкара дека вработените во американските дипломатски мисии во Турција не се под истрага за учество во минатогодишниот обид за воен удар во оваа земја, како и тоа дека никој од нивниот персонал нема да биде уапсен додека ја извршува својата должност.

Издавањето на визи беше прекинато во октомври кога турските власти уапсија турски службеник во американскиот конзулат во Истанбул, бидејќи наводно бил поврзан со лица вмешани во обидот за воен удар.

САД на 8 октомври го прекинаа издавањето визи во Турција, на што Анкара одговори со прекин на издавањето визи за државјаните на САД.