fbpx

Хирурзите во „8 Септември“ бараат услови за операции, директорот смета дека тоа не е можно поради пандемијата

-

Во понеделник хирурзите од Градската општа болница „8 Септември“ ќе прекинат со операциите ако директорот д-р Христијан Костов не им создаде услови за хируршки интервенции на пациентите чии болести не се животозагрозувачки. Тие во отворено писмо изразуваат свесност дека втора година работат како главен ковид-центар во државата, но незадоволни се што и покрај приемот на пациенти за операции од цела држава, кои се на терциерно ниво на болестите, функционираат како за секундарно ниво. Колективот бара од директорот во повеќе сали да се извршуваат операции дневно, а не само во две како сега.

Пациентите кои не се во животозагрозувачка позиција не можат да добијат термин за хируршка интервенција, а од хируршкиот колектив велат дека биле понудени неколку решенија за реорганизација на работата, но тие не стигнале до директорот зашто не ги примал на разговор.

Директорот Христијан Костов, кој се огласи преку соопштение, вели дека ја разбира потребата за зголемување на бројот на салите за операции, но смета дека тоа за сега не е можно поради ангажирањето на дел од персоналот во ковид одделенијата и редукцијата на капацитетите во интерес на нивно зголемување за лекување на пациентите со ковид. Костов вели дека согласно бројот на анестезиолози, земајќи го предвид и бројот на оправдано отсутни поради болест, нивниот ангажман во ковид одделенијата, редуцираниот број на хируршки одделенија поради зголемување на капацитетот на одделенија за лекување на ковид-позитивни пациенти согласно препораките на Министерството за здравство во кои е потребен поголем број медицински персонал, ставен е акцент на оперативно лекување на пациенти кај кои одложувањето на оперативните интервенции би довело до загрозување на нивниот живот (малигноми и фрактури).

Првиот човек на болницата додава дека постои редукција на елективниот програм.

„Овој програм не само во нашата установа туку и секаде во светот е во слична состојба поради пандемијата (ангажирање на персоналот за лекување на приоритетните пациенти заболени од ковид). Воедно би сакал да нагласам дека од колегите имаме потреба за помош во лекувањето на ковид позитивните пациенти кои лежат во ковид одделенијата, и ќе се вклучат во овој процес на лекување до периодот кога ќе се создадат услови за работа на хируршкиот колектив во полн капацитет“, вели Костов.

Минатата година по повод одбележување на Денот на независноста, министерот Филипче беше во посета на болницата и посочи дека ГОБ „8 Септември“ има посебно место во нашиот здравствен систем, со оглед на тоа што е најголема болничка установа за обезбедување здравствени услуги.

„Во март, годинава (2020 г. н.з.), болницата презеде голема улога и голема одговорност, стана ковид Центар. Тука беа сместени најтешките пациенти, исто како на Инфективната клиника. Болницата докажа дека има инфраструктурен капацитет, но пред се човечки, лекари и експерти од многу области, кои пожртвувано 24 часа на ден многупати со чести дежурства во текот на неделата работеа со најтешките пациенти“, рече тогаш Филипче.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Забраната за примање невакцинирани деца во градинка во време на епидемија, не е дискриминација

Со објавата се шири паника и се обвинуваат здравствените власти, иако станува збор за стандардно постапување кое поради недоволен вакцинален опфат беше применувано и во 2019 година, кога имаше...