Свет Европа Руските интелектуалци на Франкфуртскиот саем на книгата – Путин мора да ја...

Руските интелектуалци на Франкфуртскиот саем на книгата – Путин мора да ја изгуби војната

Руските интелектуалци кои се во егзил не се оптимисти дека во Русија под водство на претседателот Владимир Путин ќе има промени на подобро

Foto: Hannes P. Albert/dpa

Руските интелектуалци кои се во егзил не се оптимисти дека во Русија под водство на претседателот Владимир Путин ќе има промени на подобро. Германските официјални лица истовремено нагласуваат дека постои и онаа „поинаква“ Русија која треба да се слушне, пишува германската новинска агенција ДПА. 

„Нема друга опција освен Русија да ја изгуби војната против Украина. Ако тоа не се случи, гледам црна перспектива“, изјави во среда на Франкуртскиот саем на книгата руската активистка за човекови права Ирина Шербакова.

Шербакова е еден од основачите на организацијата Меморијал, која лани ја доби Нобеловата награда за мир.

Таа изјави дека Русија е диктатура, но не и планска економија. Пазарната економија му дава на режимот во Кремљ дополнителна сила, што овозможила на многумина од опкружувањето на Путин да присвојат огромно богатство кое ќе го бранат.

Авторот на бестселери, кој е исто така Русин во егзил, Дмитриј Глуховски рече дека Путин со војната во Украина сака да ги замолчи и младите луѓе.

„Новата генерација беше закана за Путиновиот режим“, изјави Глуховски, додавајќи дека рускиот претседател морал да ги врати во робовски систем и дека тој владее со ширење на страв.

Ниту книжевникот Михаил Шишкин, кој живее во Швајцарија, нема преголема надеж во некакви промени во сегашна Русија.

„Немам надеж во политичката опозиција во земјата. Верувам во културната опозиција на Западот“, изјави Шишкин, оценувајќи дека руската култура сега постои само во емиграција.

Германската министерка за култура Клаудија Рот истакна дека рускиот јазик не припаѓа единствено на Путин и дека повиците за бојкот не се вистинскиот пат.

„Постои и онаа поинаква Русија и мораме да овозможиме да се слушне нејзиниот глас“, изјави Рот.