Свет Балкан Руски новинар како шпион во Бугарија, цел месец се криел во Руската...

Руски новинар како шпион во Бугарија, цел месец се криел во Руската амбасада во Софија

Властите на рускиот дописник му изрекоа присилни административни мерки, како што се: одземање на правото на престој во Бугарија, протерување и забрана за влез и престој на територијата на земјите-членки на Европската унија

Парламентот во Бугарија во центарот на Софија. Фото: Мета.мк

Бугарската агенција за национална безбедност (ДАНС) го протера дописникот на весникот „Росискаја газета“, Александар Гацак поради активност што претставува закана за националната безбедност на Бугарија, пишува Медиапул.бг.

Бугарското контраразузнавање прецизира дека наредбата за забрана за влез на Гацак во земјата е изречена врз основа на Законот за странци, „бидејќи со своите постапки тој ги ставил или може да ги загрози меѓународните односи, безбедноста или интересите на бугарската држава или за кого има податоци кои делуваат против националната безбедност“.

Властите на рускиот дописник му изрекоа присилни административни мерки, како што се: одземање на правото на престој во Бугарија, протерување и забрана за влез и престој на територијата на земјите-членки на Европската унија.

Бугарските медиуми информираат дека Александар Гацак бил повикан на 29 септември годинава за да ја добие одлуката на властите, но тој одбил да се појави и се сокрил во Руската амбасада во Софија. Тој дури вчера ја напушти државата.

„ДАНС ги извршува своите активности во строго почитување на законодавството на Република Бугарија и Европската Унија и паневропските демократски норми и вредности. Акциите на Агенцијата се насочени кон заштита на националната безбедност, а не кон ограничување на слободата на говорот и изразување на мислење“, наведуваат од Бугарската агенција за национална безбедност.

Инаку, најновото протерување на руски шпиони од Бугарија доаѓа откако претходно бугарските служби на 21 септември го протераа архимандритот Васијан Змеев и уште двајца функционери на Руската црква. Протерувањето на Змеев дојде неколку дена откакопретходно македонските власти го протераа овој претставник на Руската православна црква, заедно со уште тројца дипломати од Руската амбасада во Скопје.

По Скопје, и официјална Софија го протера рускиот свештеник Васијан

Протерувањето на дописникот на „Росискаја газета“ од Бугарија го разгневи руското Министерство за надворешни работи, кое се закани со одмазнички мерки. Портпаролката на руското МНР за протерувањето на Гацак го обвини НАТО, обвинувајќи дека бугарските власти му ја одзеле акредитацијата и му соопштиле за екстрадицијата.