Свет Балкан Руски хакери ја презедоа одговорноста за нападот врз хрватските институции

Руски хакери ја презедоа одговорноста за нападот врз хрватските институции

На листата се Министерството за финансии, Даночната управа, Хрватската народна банка, порталот на Хрватската народна банка и Загрепската берза 

фото: Mika Baumeister на Unsplash

Руската хакерска група NoName057(16) ја презеде одговорноста на социјалната мрежа Телеграм за хакерските напади врз хрватските институции што се случија во средата, пренесе „Јутарњи лист“. На мета на хакери неодамна беа Министерството за финансии, Даночната управа и Загрепската берза, а во четвртокот беше нападнат и Клиничкиот болнички центар Загреб.

„Не сме ја посетиле Хрватска веќе некое време, па решивме да се „потсетиме“, напишаа хакерите NoName057(16) на Teлеграм, заедно со списокот на институции кои ги нападнаа.

На листата се Министерството за финансии, Даночната управа, Хрватската народна банка, порталот на Хрватската народна банка и Загрепската берза.

Во последните денови, освен во Хрватска, групата симнала голем број страници во Украина, Австрија, Белгија, Кипар, Бугарија и Романија.

Според организациите кои ги следат хакерските напади, NoName057(16) е проруска хакерска група која првпат се појави во март 2022 година и оттогаш, според сопствените тврдења, напаѓа веб-страници на државни институции, медиуми и приватни компании во Украина, Европа и САД.