Подглавна секција Русија стави блиски соработници на Навални на листата на „терористи и екстремисти“

Русија стави блиски соработници на Навални на листата на „терористи и екстремисти“

Леонид Волков (лево) и Иван Жданов. Фото: Инстаграм-профил на Иван Жданов

Руските власти ги ставија двајцата најблиски соработници на затворениот опозиционер Алексеј Навални на листата на „терористи и екстремисти“, како најнов чекор на дејствување против критичарите на Путин и на неговите соработници, јави „Moscow Times”.

Долгогодишните соработници на затворениот Навални, Леонид Волков и Иван Жданов се додадени на листата на Федералната служба за финансиско следење, што значи дека ќе им бидат оневозможени какви било финансиски трансакции.

Жданов е поранешен шеф на сега растурената „Анти-корупциска Фондација“ на Навални, а Волков ги раководеше регионалните штабови и кампањите на Алексеј Навални при неговите изборни трки за градоначалник на Москва во 2013 година и за претседател на Русија во 2018 година.

И Жданов и Волков се во егзил од 2019 година.

Алексеј Навални беше ставен в затвор пред точно една година, откако се врати во Русија од Германија, каде долго се лекуваше од труење по атентатот врз него при еден домашен лет во Русија околу половина година претходно.