Свет Европа Русија погоди пошта во Харкив, најмалку шест убиени и 16 повредени лица

Русија погоди пошта во Харкив, најмалку шест убиени и 16 повредени лица

Зеленски тврди дека Русија повторно погодила цивилен објект и ги повика сојузниците на Украина да се обединат во борбата против тероризмот

Извор на фотографија: Укринформ

Руски ракетен напад врз поштенски центар во Харкив уби најмалку шест лица, а 16 лица се повредени, пренесува весникот Гардијан. Гувернерот на Харкивскиот регион, Олех Сунехубов изјави дека меѓу повредените лица дури седум се во критична состојба и се борат за своите животи.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски сподели видео, на кое се прикажани тешки оштетувања на поштата и потенцираше дека Русија погодила цивилен објект. Зеленски ги повика сојузниците на Украина да се обединат во борбата против тероризмот.

Според информациите што ги споделија украинските власти за државната агенција Укринформ, истражните органи на местото на злосторството откриле остатоци од проектил од систем за противвоздушна одбрана С-300. Украина веќе подолго време ја обвинува Русија дека ги користи ваквите системи за противвоздушна одбрана за да ја напаѓа нејзината територија. Проектили од системите С-300 се лансираат од територијата на рускиот регион Белгород.

Во меѓувреме, британското разузнавање во најновиот објавен извештај тврди дека Русија загубила помеѓу 150.000 и 190.000 припадници на нејзините сили, кои се убиени или имаат трајни повреди од почетокот на руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година. Доколку на овие бројки се додадат и оние руски војници кои се повредени (оние што се закрепнати и имаат можност да се вратат на фронтот), тогаш бројот на руски жртви од војната во Украина се искачува на 240.000 до 290.000, пренесува Гардијан.