Свет Русија, Кина и Саудиска Арабија ги зголемиле трошоците за вооружување

Русија, Кина и Саудиска Арабија ги зголемиле трошоците за вооружување

Трошоците за вооружување минатата година биле намалени во САД и во Западна Европа, но биле зголемени во другите делови на светот поради конфликтите на Блиски Исток, во Источна Европа и во Африка, соопшти денеска Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот.

На оружје минатата година потрошени се 1.800 милијарди долари, што е за 0,4 отсто помалку во однос на годината претходно. Поради намалување на буџетскиот дефицит, САД потрошиле 6,5 отсто помалку пари, но Кина, Русија и Саудиска Арабија потрошиле значително повеќе.

Трошоците на Саудиска Арабија пораснале за 17 отсто, а на Кина за речиси 10 отсто, достигнувајќи 216 милијарди долари.

Војната во Украина поттикна многу земји во Средна Европа, балтичките земји и Скандинавија повеќе да купуваат оружје, додека Франција, Велика Британија, Германија, Италија и Шпанија ги намалиле буџетите.

Украина ги зголемила трошоците за оружје за 20 отсто, најавувајќи дека оваа година ќе ги зголеми двојно.