Свет Европа Русија изврши нови воздушни напади врз украински градови

Русија изврши нови воздушни напади врз украински градови

Како последица на руските напади во градот Лвив, погоден бил објект од критичната инфраструктура и имало три експлозии

Фото: Укринформ

Русија изминатава ноќ изврши нови воздушни напади врз неколку украински градови, пренесува Гардијан. Нема информации за жртви во нападите, но информациите од украинските власти говорат дека биле нападнати главниот град Кијив и Лвив во западниот дел на Украина.

Воената администрација на Кијив соопшти дека Москва извршила напад со беспилотни летала во раните утрински часови во вторникот, предупредувајќи ги жителите да најдат засолниште. Противвоздушната одбрана на градот открила и уништила дваесетина беспилотни летала од иранско производство во „масивниот воздушен напад“.

Како последица на руските напади во градот Лвив, погоден бил објект од критичната инфраструктура и имало три експлозии. Градоначалникот на Лвив, Андриј Садови објави дека имало експлозии во градот и во неговата околина.

И во градот Запорижја се огласила и тревога за воздушен напад, но нема информации за повредени лица и нема оштетувања на станбени згради. Градот бил погоден со ракети од руски систем за противвоздушна одбрана С-300.

Украинските власти соопштија дека Русија лансирала 35 камикази-дронови, од кои украинската противвоздушна одбрана успеала да собори 32.