Дописници Рударите на „Индоминерали и метали“ на листата на невработени

Рударите на „Индоминерали и метали“ на листата на невработени

На листата на невработени во Агенцијата за вработување пријавени се најдоа близу 1.000 довчерашни вработени рудари во рудниците на индиската компанија „Индоминерали и метали“ во Пробиштип и во Крива Паланка.

Сепак, за првите пари од државата, односно стечајниот надоместок, рударите ќе почекаат до средината на јануари. Инаку, последната исплатена плата е августовската.

На работа останаа само осумдесетина вработени на одржување на рудниците. Нивна задача е да ги заштитат окната од поплавување.

Во меѓувреме, стечајната управничка Владица Ивановска до среда ги очекува пријавите од побарувањата на доверителите. Долгот што „Индоминерали и метали“ го има кон рударите дополнително ќе се утврдува.

Рударите се надеваат дека стечајната постапка ќе оди побргу, а државата ќе најде нов концесионер за рудниците.

Затворањето на рудниците е нов удар за слабиот економски регион со висок процент на невработеност.