Македонија Рот се сретна со Попоски, Груевски и со Заев

Рот се сретна со Попоски, Груевски и со Заев

Државниот секретар на германското МНР, Михаел Рот, денеска се сретна со министерот за надворешни работи, Никола Попоски, со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и со лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Министерот Попоски на средбите истакнал дека внатрешните политички предизвици се надминуваат низ инклузивен процес, кој треба да се заокружи час поскоро и без одложување на претстојните парламентарни избори во април.

Попоски и Рот во делот на мигрантската криза ја нагласиле потребата од наоѓање трајно и одржливо решение, при што министерот Рот ја поздравил ангажираноста на Македонија и истакнал дека соработката меѓу земјите е исклучително важна за решавање на кризата.

На средбата со Груевски, на Рот му било посочено дека приоритет на ВМРО-ДПМНЕ е организирање на фер, демократски и слободни избори на кои граѓаните ќе одлучат за иднината на државата и дека изборите се единствен излез од наметнатата политичка криза. Груевски истакнал ВМРО-ДПМНЕ ја дава максималната поддршка во поглед на спроведување квалитетен, фер и демократски изборен процес.

Прочистен избирачки список и регулација на медиумите се потребни за да може да има фер и демократски избори, му укажал Заев на Рот. Заев истакнал дека Македонија на следните избори мора да добие влада со полн легитимитет, а тоа е можно само на фер избори. Според Заев, само така ќе се овозможи нормализација на институциите и стабилност на Република Македонија.