Македонија Романија го ратификуваше Протоколот за членство во НАТО

Романија го ратификуваше Протоколот за членство во НАТО

Парламентот на Романија денеска на пленарна седница го ратификуваше Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО. На седницата присуствуваше претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој од вчера престојува во работна посета на Романија.

-Романија денеска уште еднаш ја демонстрираше својата посветеност, пријателство и поддршка кон Република Северна Македонија за остварување на нејзината евроатланска определба, овозможувајќи една кохерентност и заедничка иднина. Дозволете искрено да се заблагодарам од мое лично име, од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија и од име на нашите граѓани, чест ни е што сте наши вистински пријатели и партнери – изјави Џафери.

Џафери од Букурешт заминува за Вилнус каде што утре ќе присуствува на ратификацијата на Протоколот и во Сејмот на Литванија. Предвидено е претседателот на Собранието, Талат Џафери да има и обраќање пред пратениците во литванскиот Парламент.

Романија е седма земја членка на НАТО која го ратификуваше Протоколот. Прва тоа го стори Грција, а по неа и Словенија, Албанија, Бугарија, Хрватска и Црна Гора.