Свет Балкан Романија го повлече барањето за влез во Шенген-зоната

Романија го повлече барањето за влез во Шенген-зоната

Романија вчера се откажа од барањето за пристапување кон Шенгенскиот договор, откако станало очигледно дека заедно со Бугарија не можат да ги задоволат критериумите, јавува „Балкан инсајт“.

Европскиот совет за правда и за внатрешни работи нема да расправа по барањето, иако формалната одлука се очекува до крајот на годинава.

Премиерот Виктор Понта вчера рече дека Романија сама побарала расправата да се тргне од дневниот ред бидејќи е „очигледно дека одлуката нема да биде во наша полза“.

Понта наведе дека на пристапот на Романија се спротиставила Холандија и „уште една членка на ЕУ“, за која рекол дека е во „добри односи“ со романскиот претседател Клаус Јоханис, кој по потекло е од Германија.

Романија и Бугарија се надеваа за влез во Шенген-зоната уште во 2010 година, но не успеаја да обезбедат согласност кај 26 европски земји, кои мораат барањето да го одобрат едногласно.