Економија Рокот за поднесување барања за субвенции за земјоделството истекува в петок

Рокот за поднесување барања за субвенции за земјоделството истекува в петок

Рокот за поднесување барања за субвенции за земјоделството од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2017 година истекува в петок, информира  Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

До денеска, според податоците од подрачните единици на министерството, поднесени  се 66.126 барања. Најмногу барања има поднесено во подрачните единици во Кавадарци – 6.233, потоа во Струмица – 5.962 и во Куманово – 5.075.

Земјоделците можат сами да поднесат барање за директни плаќања преку „е-барање“, кое е поставено на веб-страницата на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Барањето се поднесува по електронски пат без доставување документи, а врз основа на претходно евидентирани податоци во Единствениот регистар на земјоделски стопанства и Регистарот за идентификација и за регистрација на домашни животни.

Одгледувачите на говеда, овци, кози и на пчели, пред поднесување на барањето, треба задолжително да ја проверат и по потреба да ја ажурираат состојбата на животните во ветеринарното друштво со кое имаат склучено договор.

Постапката за поднесување барање за директни плаќања е иста како и претходната година. На сите огласни табли на подрачните единици на Министерството за земјоделство, на видно место се истакнати сите потребни информации за аплицирање. Земјоделците можат да побараат помош за аплицирањето од подрачните едници при МЗШВ, каде што го поднесуваат барањето, но може и да ги користат услугите на Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделството.