Дописници Родот на 650 земјоделци од Пелагонија настрада од априлскиот студ

Родот на 650 земјоделци од Пелагонија настрада од априлскиот студ

Априлскиот студ и мраз годинава го уништи родот кај близу 650 земјоделци од Пелагонија. Според подрачниот раководител  на Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство во Битола, Илија Србиновски, денеска завршува увидот на стручните комисии за проценка на штети, по што извештаите ќе бидат пратени во министерството во Скопје за исплата на штетите.

– Три комисии, секоја со три члена, постапија по секоја пријава на оштетените земјоделци и заклучно е дека 648 индивидуални земјоделци, земјоделски фирми како и ЗК „Пелагонија“, „Лозар Битола“ претрпеле штети од 50 до 100 проценти од априлските мразеви и од студот. Најмногу се оштетени лозовите насади, јаболката, крушата, црешите – изјави Србиновски.

Според земјоделците, родот е преполовен не само од мразот, туку и од пролетната суша.

Во Битолско-пелагонискиот Регион под есенски култури се засеани 22.000 хектари, по што со преполовени приноси се соочуваат производителите на јачмен и на пченица.

– Ваква априлска суша, никогаш не сме имале на ова подрачје. На многу места комбајните нема што да работат, и пченицата и јачменот и другите култури се загрозени. Ни една машина не може да сработи на ваква суша – вели Вељо Тантаров, претседател на Сојузот на земјоделци на Македонија.

Земјоделците спасот од сушата го гледаат во копање бунари, како и во средствата за обесштетување од претрпени штети, кои не влегуваат во осигурителните полиси.