Македонија Ременски: Јанкулоска да не врши притисок врз обвинителството

Ременски: Јанкулоска да не врши притисок врз обвинителството

Однесувањето на Јанкулоска и на МВР во скандалот со можната нелегална фабрика за пасоши во приватен стан е класична потврда дека во Македонија институции нема, истакна Фросина Ременски, потпретседателка на СДСМ и претседателка на Комисијата за внатрешни работи на денешната прес-конференција.

– Прво, материјалот што упатува на криминал, како што информираше медиумот што го обелодени, е испратен до Јавното обвинителство, задолжено за спроведување на истрагата. Но, Јанкулоска се стави над Јавното обвинителство и бара таа и МВР да ја водат истрагата. Ова го покажува директното партиско влијание врз институциите и врз процедурите – рече Ременски.

Изработката и персонализацијата на патните исправи, според зборовите на Ременски, е надлежност само на МВР и треба да се врши во службени простории под соодветни процедури. Потпретседателката на СДСМ додаде и дека МВР би требало да биде единствената институција што има опрема за читање биометриска документација, преку отпечаток од прст.

– Дефокусирање се изјавите на Јанкулоска дека никој не пријавил злоупотреба на патни исправи. Само МВР и може да открие можна злоупотреба на патни исправи. Оттаму Јавното обвинителство е должно, по службена должност, да отвори истрага за да испита дали во Македонија се изработуваат патни исправи и во домашни услови и дали и кој е вмешан во скандалот. Второ, Јанкулоска и МВР се поставија непрофесионално кон сериозни наводи за нелегална изработка на патни исправи. Јанкулоска и МВР си дозволија без истрага и без вештачење да ја коментираат веродостојноста на видеозаписот и на фото-материјалот пред воопшто да биде почната соодветна истрага за сериозните наводи – рече Ременски.

Според неа, обидите на Јанкулоска да го сврти вниманието, со објаснувањата дека не биле забележани фалсификувани патни исправи при влез и излез во државата, се наивен обид.

– Веќе се откриени вработени во Одделот за граѓански работи на МВР кои фалсификувале лични карти и пасоши – внесувале податоци на иселени лица од Македонија, отпечатоци од прст и фотографии на лицата што ги купиле пасошите. Јавноста добро знае дека патните исправи служат и за идентификација на територијата на Република Македонија, вклучително и за време на изборен процес. Сето ова упатува на можна вмешаност на поединци или уште пострашно на државниот систем во сомнителниот случај што го обелодени медиумот. Јавното обвинителство е должно да спроведе истрага за аферата „Фабрика за пасоши“. Јанкулоска и МВР се должни да се воздржат од партиски притисоци врз институциите задолжени за спроведување на истрагата – заклучи Ременски.