Проверка на факти Регионот против дезинформациите: Мигрантите злоупотребени во лажни вести

Регионот против дезинформациите: Мигрантите злоупотребени во лажни вести

Мигрантите во балканската медиумска сфера и понатаму се тема која се користи во создавање лажни вести во медиумите.

„Фактограф“, хрватскиот сервис за проверка на факти и борба против дезинформирањето преку медиумите ги проверил пишувањата на неколку медиуми во земјата и лажната вест содржана во нив, дека мигрантите на островот Самос во средината на октомври направиле хаос.

Хрватските медиуми тврделе дека мигранти го каменувале објектот на градската управа и предизвикале низа пожари. „Фактограф“ истражувајќи и проучувајќи ги извештаите на угледните светски агенции, вели дека навистина имало пожари во мигрантскиот камп на Самос, но воопшто не се случил напад на градската управа.

Сервисот за проверка на фактите „Раскринкавање“ од Босна и Херцеговина, пак оповргнува низа написи со идентична содржина, кои во насловите имале лажно тврдење дека точно ќе се знае колку припадници на Исламска држава Турција ќе депортира во земјите од кои дошле. Односно, како што утврдил новинарот што ги проверил пишувањата, никаде и никогаш пред да бидат објавени написите не било кажано колку терористи ќе бидат присилно вратени во БиХ, односно дека медиумите насловите ги направиле кликбејтови, односно мамки за читателите да кликаат на линковите за веста.