Македонија Регионална конференција „Пристапни реформи во Западен Балкан“

Регионална конференција „Пристапни реформи во Западен Балкан“

Денеска во Скопје ќе се оддржи регионална конференција на тема „Пристапни реформи во Западен Балкан“, во организација на Секретаријатот за европски прашања.

Како што соопшти СЕП, воведни излагања на форумот ќе имаат македонскиот вицепремиер задолжен за евроинтеграции, Фатмир Бесими, шефот на Делегацијата на ЕУ во Македонија, амбасадорот Аиво Орав и германскиот заменик-амбасадор Ханс-Хелге Сандер.

На конференцијата ќе учествуваат и заменик-министерот за евоинтеграции на Албанија, Гентијан Елези, Дарија Рамљак, помошник-директор во дирекцијата за евроинтеграција на Босна и Херцеговина, заменик-министерот за евроинтеграции на Косово, Рамадан Илази, в.д. директорот на владината Канцеларија за евроинтеграции на Србија, Ксенија Миленковиќ, и Александар Пејовиќ, државен секретар за евроинтеграции на Црна Гора.

Предвидено е да се одржат две панел-дискусии пред кои куси воведни излагања ќе одржи Лоренс Мередит, шеф на одделот за стратегија и политики при Генералниот директорат за соседство и за преговори за проширување на Европската комисија. Дискусиите се на тема „Новата стартегија за проширување и новата генерација извештаи“ и „Редефинирана методологија: позитивни аспекти и предизвици во известувањето“.

Форумот се организира во соработка со Германското друштво за интернационалнa соработка ГИЗ, во рамките на Отворениот регионален фонд за поддршка на ЕУ интеграции, финансиран од Сојузното министерство за економски развој и за соработка.