Економија Реформите на тарифниот систем за струјата на маса, ЕВН ќе обезбеди услови...

Реформите на тарифниот систем за струјата на маса, ЕВН ќе обезбеди услови за помало поскапување

Фото: АД ЕСМ

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија (РКЕВУ) утре ќе одржи јавна расправа, на која ќе бидат изложени анализите за нов систем на тарифирање на струјата за домаќинствата и малите потрошувачи.

Според најавите, би требало да се воведат три класи на потрошувачи и оние во најниската, со најмала потрошувачка на струја во текот на месецот ќе плаќаат киловат-час по пониска цена од погорните две класи.

Јавната расправа и презентацијата на Анализите подготвени од Машинскиот факултет и Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ за реформа на тарифниот систем за електрична енергија, ќе се одржат утре во Стопанската комора.

Во пресрет на измената на цените на струјата, која би се случила на 1 јули годинава, денеска Васко Ковачевски, генералниот директор на државното АД ЕСМ, кое е најголемиот производител на струја во земјавата рече дека се прават пресметките за цената на електричната енергија што компанијата ќе ја продава на ЕВН Хоум од 1 јули до 31 декември годинава. Се анализираат можностите за намалување на трошоците на компанијата за дополнителни 15 проценти, а истовремено зголемување на производството за дополнителни 20 проценти, рече Ковачевски.

„Ние ќе успееме да постигнеме значително пониски цени за да можеме на крајот да овозможиме ЕВН Хоум кај регулаторот да побара, односно да добие цена која ќе значи благо покачување на цената за граѓаните. Ние како компанија повторно, уште еднаш ќе покажеме општествена одговорност за граѓаните да не почувствуваат значително покачување на цената на електричната енергија”, уверува генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.