Македонија Реакции: Повеќе сценарија зад одлуката на ДУИ

Реакции: Повеќе сценарија зад одлуката на ДУИ

Лидерите на НСДП, Демократски сојуз и ПЦЕР, Тито Петковски, Павле Трајанов и Самка Ибраимовски денеска излегоа со реакции за одлуката на ДУИ да ги повлече своите министри од владата.

Петковски смета оваа одлука на коалициониот партнер на ВМРО-ДПМНЕ е само начин да се бетонира датумот договорен за избори.

– Според тоа како се одвивале работите во минатото, потегот на интегративците е договорено сценарио со ВМРО-ДПМНЕ за бетонирање на 5 јуни како датум на избори – вели Петковски.

За лидерот на ДС, Павле Трајанов постои надеж одлуката на ДУИ да е во насока на формирање политичко – експертска влада која ќе има подолг мандат за да ги спроведе клучните реформи потребни за фер и демократски избори.

– Тоа би било разумна одлука ако во таа насока се одвиваат работите бидејќи повеќе од јасно е дека нема услови за фер и демократски избори на 5 јуни, кога имаме целосна и системска блокада на сите институции – вели Трајанов.

Од Партијата за целосна еманципација на Ромите велат дека ДУИ не е за одржување на избори на 5 јуни. Ако нивниот потег е во таа насока тој чекор е добар и за поздравување, но ако има некоја друга варијанта, тоа би било кобно за државата.