Македонија Реакциите по посетата на Курти не стивнуваат, Арсовска бара преименување на „Адем...

Реакциите по посетата на Курти не стивнуваат, Арсовска бара преименување на „Адем Демачи“

Скопската градоначалничка денеска до Советот на Град Скопје поднела иницијатива за враќање на името на улицата „Втора македонска бригада“ која претходниот состав на советот ја променил во „Адем Демачи“

Извор на фотографија: Општина Чаир

Данела Арсовска ќе бара преименување на улицата „Адем Демачи“ во Чаир во „Втора Македонско-косовска бригада“, додека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ меѓусебно се прозиваат за посетата на косовскиот премиер Албин Курти на Скопје и Тетово.

Скопската градоначалничка денеска до Советот на Град Скопје поднела иницијатива за враќање на името на улицата „Втора македонска бригада“ која претходниот состав на советот ја променил во „Адем Демачи“, а за која Владата дала согласност за промена.

„Ги повикувам сите советници во Советот на Град Скопје да гласаат во корист на оваа предлог одлука, со која ќе се исправи неправдата кон 230 херои, припадници на Втората македонска бригада од сите етникуми кои го дале својот живот за одбрана на Македонија“, стои во денешното соопштение од Град Скопје.

Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ пак денеска излегоа со обвинување кон премиерот Димитар Ковачевски дека на владина седница во март 2021 година дал согласност за преименување на улицата „Втора македонско-косовска бригада“ во „Адем Демачи“.

Тие ја обвинија владејачката партија СДСМ дека на предлог на претходниот градоначалник Петре Шилегов, а со амин на владата, го промениле името на улицата во Чаир.

Од владејачката партија СДСМ денеска не ги коментираат обвинувањата на опозицијата, но затоа пак повторуваат дека Христијан Мицкоски и Билал Касами се коалициони партнери и дека опозицискиот лидер со денови молчи и не ги осудува настаните и провокациите што се случиле во петокот во Тетово.

Тие велат дека Касами, токму со гласовите и поддршката на ДПМНЕ станал градоначалник на Тетово, Касами и Мицкоски заедно се обидоа да ја урнат Владата, а нивната соработка продолжува и ден денеска и во тетовскиот совет и во македонското Собрание.