Свет Балкан Реакции во Србија поради платениците на Вагнер кои се регрутираат за да...

Реакции во Србија поради платениците на Вагнер кои се регрутираат за да се борат за Русија

Guelland/ MSC, CC BY 3.0 DE , via Wikimedia Commons

Руското видео во кое се тврди дека се прикажани српски доброволци кои се обучуваат да се борат заедно со руските војници во Украина, предизвика бес во Србија, откривајќи ги сложените односи на оваа земја со Москва, пишува Би-би-си.

Руската платеничка група Вагнер направи видеа на српски јазик за да поттикне регрутирање за војната во Украина.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за ова реагираше луто на српската национална телевизија.

„Зошто, вие од Вагнер, повикувате некого од Србија кога знаете дека тоа е спротивно на нашите правила“, рече Вучиќ, алудирајќи на тоа дека е незаконски Србите да учествуваат во конфликти во странство.

Критичарите често ја обвинуваа Србија дека му дава приоритет на долгогодишното пријателство со Русија пред нејзината амбиција за влез во Европската унија (ЕУ). Но, она што се случи во последните денови во Белград покажува дека сликата не е толку црно-бела.

Навестувајќи помалку розови односи со Москва, претседателот Вучиќ рече дека Србија не само што е неутрална во однос на војната во Украина, туку и дека не разговарал со рускиот претседател Владимир Путин неколку месеци.

Во четвртокот, адвокат со седиште во Белград и антивоени групи поднеле кривична пријава против рускиот амбасадор во Србија, како и против шефот на српската државна безбедносна информативна агенција (БИА) за наводно регрутирање Срби за групата Вагнер.

Ниту една од главните политички партии во Србија досега не навести поддршка за агресијата во Украина. Србија постојано гласаше за резолуции во Обединетите нации (ОН) со кои се осудува руската агресија.

„За нас Крим е Украина, Донбас е Украина и така ќе остане“, изјави српскиот претседател неделава.

Би-би-си пишува дека овој став не е доволен да го импресионира Европскиот парламент, бидејќи Србија постојано одбиваше да воведе санкции кон Русија. Европратениците по втор пат донесоа резолуција со која се бара прекин на преговорите за членство додека Србија не се согласи на санкции.

Вучиќ предупреди на „многу тешки“ разговори со специјалните претставници на ЕУ и САД и рече дека ќе им се обрати на граѓаните на Србија во текот на викендот за да им каже што се бара и што се очекува од Србија во однос на Косово и санкциите против Русија.