Македонија Реакции и осуда на повикот за протест на МПЦ

Реакции и осуда на повикот за протест на МПЦ

Мрежите од невладини организации ги повикаа граѓаните да не наседнуваат на манипулативните обиди на МПЦ и на некои други „навидум загрижени групи и здруженија“ кои неосновано тврдат дека законските решенија се закана за овдешната традиција и вера

Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација остро го осудија повикот за протест на Македонската православна црква (МПЦ-ОА) закажан за 29 јуни, за кој велат дека има единствена цел да изврши јавен притисок кон повлекување од собраниска процедура на предлог-законите за родова еднаквост и за матична евиденција.

Здружените невладини организации велат оти мешањето на Црквата во овие предлог-законски решенија претставува директен упад во секуларноста на државата и непочитување на Уставот, а пред сѐ непочитување на жените во земјава и непрепознавање на нивните реални животни ситуации.

„Граѓаните и граѓанките на нашата земја треба да знаат дека со донесувањето на овие закони ќе се подобрат граѓанските права и ќе се унапреди еднаквоста на жените и на родово маргинализираните групи на сограѓани. Тоа се наши граѓани и граѓанки кои, за жал и спротивно на општото уверување, сѐ уште не можат да ги остварат своите фундаментални права подеднакво како и мнозинството граѓани“, се вели во реакцијата на Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација.

Од таму велат дека тоа што жените и родово-маргинализираните групи на граѓани ќе можат да ги уживаат своите човекови права на никаков начин не им наштетува на останатите граѓани и семејства, ниту пак на општеството.

Со овие закони, додаваат, на лицата кои се чувствуваат поразлично од својот пол им се гарантира правото на самоопределување, а на жените им се овозможува да имаат подобар, побезбеден и попросперитетен живот на сите полиња преку унапредување на институционалните механизми.

„Без вакви закони, ЕУ ќе биде уште подалеку, демократијата уште позагрозена, а живеењето во Македонија небезбедно за половина од нејзиното население“, велат невладините.

Тврдењата дека двете законски решенија се закана за македонската традиција, децата и семејствата или дека со нив се оспорува правото на религија и вероисповед, од Мрежата и Платформата ги оценија како „лажни и манипулативни“.

„МПЦ не само што калкулира со статистичките податоци за бројот на верници во државата и дрско си ја самододелува улогата на нивни претставник за политички прашања, туку и манипулира со тврдења дека овие предлог-закони продолжувале „во скратена форма за сите собраниски филтри“. Вистината е дека Законот за матична евиденција е во редовна постапка, а оној за родова еднаквост воопшто не е во собраниска процедура“, додаваат во своето соопштение Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација.

Со повикот за протест МПЦ дополнително го поларизира граѓанството, велат оттаму, замижувајќи пред последиците што ваквите дејствија е многу веројатно да ги имаат по животите и безбедноста на жените и родово различните луѓе.

Двете мрежи од невладини организации ги повикаа граѓаните да не наседнуваат на манипулативните обиди на МПЦ и на некои други „навидум загрижени групи и здруженија“ кои неосновано тврдат дека законските решенија се закана за овдешната традиција и вера.

Ја повикаа и Владата да ја потенцира посветеноста на своите политики за унапредување на родовата еднаквост и за заштита на основното право на живот на родово различните луѓе.

Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација ги поканија сите што ги делат ставовите со нив да ја поддржат реакцијата на овој линк.

Пред протестот в четврток, тешки зборови на епископот Јаков кон невладините организации