Македонија Расправата за новиот универзитет заглави „процедурално“

Расправата за новиот универзитет заглави „процедурално“

Пратениците, членови на Комисијата за образование, сè уште не ја ни почнале амандманската расправа за предлог-законот за отварање на новиот универзитет „Дамјан Груев“ во Скопје, на кој е предвидено да има осум факултети.

Членовите на комисијата сè уште процедурално се објаснуваат за тоа дали смее или не смее временски да се ограничи дебатата во комисиските дискусии.

Од СДСМ обвинуваат дека новиот универзитет се прави без подготвен елаборат. Тие додават и дека со ограничувањето на времетрањето на репликите се крши деловничкото право и на мала врата власта сака да протурка отворање на уште еден универзитет.

– СДСМ и опозцијата нема да дозволат вдомување на нови партиски јуришници. ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш шверцерски сака да ја протне и ова одлука, без да ги испочитува законите и процедурите во оваа држава. Имавме можност да видиме како деловникот што самите го донесоа, го кршат насила и со самоволие и ја оневозможуваат дебатата по поднесените амандамни – вели Горан Сугарески, координатор на пратеничката група на СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека СДСМ сака да ја блокира работата на Комисијата и носењето на одлуката за универзитетот.

– Ние чисто кооперативно дадовме предлози за работа за квалитетно да се дискутира за амандманите. Тие со начинот на нивното однесување, со бесконечен број процедурални забелешки, сакаат да ја блокираат работата на комисијата и носењето на одлуката за универзитетот – рече Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ.