Главна секција Реакција на МНР: Блокадите и заканите не придонесуваат за мирот и за...

Реакција на МНР: Блокадите и заканите не придонесуваат за мирот и за стабилноста на регионот

Сите блокади, закани со блокади и изјави за нудење изговори против наше членство, не се во духот на европските вредности и не придонесуваат за мир и за стабилност во регионот, стои во реакцијата на македонското МНР издадена по изјавата на албанскиот премиер Еди Рама за можната блокада на Македонија при влезот во НАТО, како и по изјавата на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров дека Албанија и Бугарија имаат територијални претензии кон Македонија.

„Неопходна е искрена соработка и недвосмислена поддршка од нашите соседи и од меѓународните партнери. Република Македонија ќе продолжи да работи активно на постојано зајакнување на соработката со сите наши соседи и партнери во интерес на напредок во регионот“, стои во реакцијата на Министерството зџа надворешни работи.

Од МНР наведуваат дека стратегиска цел на Република Македонија е да се интегрира во ЕУ и во НАТО.

„Тоа е во интерес на сите македонски граѓани за подобра иднина, економски развој, мир и за стабилност во земјата и во регионот. Меѓуетничкиот соживот и почитувањето на културните, етничките, верските различности и на човековите права се темел на македонското општество и на уставното уредување. Сите ние заедно сме обединети за европска иднина на Република Македонија“, стои во реакцијата.