Свет Балкан Радев го врачи вториот мандат за влада на партијата на поранешниот бугарски...

Радев го врачи вториот мандат за влада на партијата на поранешниот бугарски премиер Кирил Петков

Фото: Исечок од видеото од Кабинетот на претседателот на Бугарија, Румен Радев (десно)

По три месеци од предвремените парламентарни избори, претседателот на Бугарија, Румен Радев, денеска го врачи вториот мандат за формирање влада на партијата „Продолжуваме со промената“ (ПП), јави бугарскиот онлајн-медиум mediapool.bg.

Првиот мандат беше доделен на ГЕРБ, партијата на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов, но не дојде до формирање стабилна политичка влада, откако мандатарот, проф. Николај Габровски не беше прифатен од бугарскиот парламент во средината на минатиот месец. Тогаш воопшто не се случи гласање за влада, бидејќи на првото гласање парламентот го отфрли Габровски како кандидат за премиер.

Со поддршка од ГЕРБ, потоа ДПС, која е децениски партнер на ГЕРБ, како и новата „Бугарско издигнување“, се стигна до само 113 гласа за Габровски, наспроти 125 „против“, од партиите ПП, Бугарската социјалистичка партија (БСП), Демократска Бугарија (ДБ) и „В’зраждане“ (Преродба).

Вториот мандат за формирање влада денеска го доби академикот Николај Денков, кој е премиерски кандидат на ПП. Оваа партија инаку тесно соработува со ДБ и се на истата политичка линија, а во претходната политичка влада, двете партии држеа најмногу ресори.

Денков има на располагање една седмица да предложи владин кабинет или да го врати мандатот.

Како што пишува mediapool.bg, дали Денков ќе успее да формира влада зависи од ГЕРБ, бидејќи партиите што го поддржуваат ПП, БСП за Бугарија, ДБ и Бугарско издигнување немаат мнозинство за самите да изберат влада. За да се случи тоа, би требало пратениците на ГЕРБ да го поддржат мандатот на ПП, што веројатно нема да се случи, па ќе мора да се оди на „трета среќа“, односно Радев по трет пат да додели мандат за формирање влада.