Свет Балкан Радев: Да се признае „историската вистина“, македонските Бугари да бидат запишани во...

Радев: Да се признае „историската вистина“, македонските Бугари да бидат запишани во Уставот

Премиерот Зоран Заев и претседателот на Бугарија Румен Радев во Словенија | Фото: Фејсбук страна, Зоран Заев

Бугарскиот претседател Румен Радев на Самитот на ЕУ за Западен Балкан во Словенија изјавил дека сè додека Бугарите во Македонија подлежат на суптилна асимилација и им се потиснати основните права во однос на другите нации, Бугарија нема да каже „да“ за почеток на преговорите со ЕУ, пренесува бугарската агенција БГНЕС.

Претседателот Радев изјавил и дека очекува македонските Бугари да бидат запишени во Уставот на Северна Македонија, а додал дека, исто така, очекува да се признае „историската вистина“, како што била признаена „историската вистина со Грција“.

Според него, ова не е вето, ниту е запирање на процесот на ЕУ интеграција на земјава, туку Бугарија сакала да се почитуваат основните европски принципи и интересите на секоја земја-членка на ЕУ.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која исто така присуствува на Самитот, на почетокот порача дека државите од Западен Балкан се дел од европското семејство.

„Нашата порака е дека Западен Балкан припаѓа во Европска Унија. Ние ве сакаме во Европска Унија. Вие сте едно европско семејство. Ние делиме иста историја, исти вредности и длабоко сум убедена дека делиме и иста судбина“’, изјави Фон дер Лајен на почетокот на самитот во Брдо-Крањ

На Самитот на ЕУ за Западен Балкан присуствува и претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев каде освен со претседателот на Република Бугарија Румен Радев оствари заедничка средба и со претседателот на Република Франција Емануел Макрон и канцеларката на СР Германија Ангела Меркел.