Хроника Работници повредени во сообраќајка на патот Кичево – Осломеј

Работници повредени во сообраќајка на патот Кичево – Осломеј

Дваесет лица се повредени во тешка сообраќајна незгода што утрово, околу 6.45 часот, се случи на регионалниот пат Кичево – Осломеј, во близина на селото Мамудовци, соопшти портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Во тешката сообраќајна незгода учествувале мини-бус марка „мерцедес“ и комби марка „фолксваген“ кои се движеле од Кичево кон Осломеј и товарно возило марка „форд“.

Сообраќајката се случила во момент кога мини-бусот, кој превезувал 18 работници во РЕК „Осломеј“, го претекнувал комбито и се судрил со товарното возило, кое доаѓало од спротивната страна на кoловозот.

Повредените се пренесени во општата болница во Кичево, а потоа во болници во Охрид и во Скопје. Полициска екипа и јавен обвинител извршиле увид на местото на несреќата.