Македонија Работните групи претрупани од нови предлози, работата закочена

Работните групи претрупани од нови предлози, работата закочена

Работните групи, најверојатно, ќе го чекаат последниот ден од предвидениот рок за да ги решат прашањата поврзано со изборните закони. Како што дознава „Мета“, од една политичка партија постојано се поднесуваат нови предлози, па дури и за работи кои начелно биле решени. Сето тоа, велат нашите извори од работните групи, го кочи процесот на преговори без некои конкретни решенија.

Прочистувањето на избирачкиот список, гласањето на дијаспората и изборот и надлежностите на Државната изборна комисија и денеска се тема на преговорите на работните групи на партиите потписнички на Договорот од Пржино, кои почнаа точно напладне, во Клубот на пратеници во Скопје.

„Мета“ дознава дека ДУИ не се согласува со активна регистрација на гласачите, предлог кој е, пак, прифатлив за ВМРО-ДПМНЕ и за СДСМ. Тие сметаат дека нема време за такво нешто и предлагаат споредбено вкрстување, односно прочешлување на избирачкиот список според податоците од МВР, од социјалните и од здравствените служби и од Заводот за статистика. Извори од партијата велат дека нема да отстапат од овие барања затоа што многу е краток периодот до изборите за да може да се изврши целосен попис на гласачите.

Исто така се дознава дека на вчерашниот состанок на работната група од  ДУИ побарале, во изборното законодавство да влезе нивниот предлог претседателот на државата да се избира во Собрание со Бадинтерово мнозинство.